skip to main |
skip to sidebar
Зошто го сакам Скопје - Иван Катарџиев
историчар и академик
"Пред да кажам зошто го сакам Скопје, морам да кажам дека имам две љубови. Првата е моето родно село Плоски во Пирин. Таму каде што човек прв пат ќе ја почуствува убавината на природата, за него е најубаво мосто што во животот може да го доживее. Така е со мене и со моето родно село Плоски, кое има богата македонска традиција, од која никако не можам да се разделам, иако немам никакви контакти со него повеќе од 60 години. Втората моја љубов е Скопје и го сакам затоа што Скопје е моја судбина. За Скопје прв пат слушнав на почетокот во 1944 година во гимназијата во градот Сандански, кој едно време се викаше Свети Врач. Едно момче учело во Скопје и дојде во нашиот клас во гимназијата и ни зборуваше за убавината на Скопје, дека тоа е ретко фантастичен град. Тогаш кај мене се создаде една идила за Скопје и ми се роди желба да дојдам овде. Кога требаше да продолжам со школувањето имав можности да студирам во Софија, Москва и Прага, но одбрав да дојдам во Скопје. Дојдов 1946 година и ден - денес се сеќавам на нашето пристигнување на Старата железничка станица, и при таа прва средба со Скопје се роди таква љубов кон градот што не можев да г напуштам или заменам. Она што стана судбина за мене е што Скопје стана главниот образовен и културен центар во Македонија, и тука доаѓаа сите прогонети Македонци од Пирин. Така Скопје стана мој втор роден град, тука ми се случи љубовта со мојата сопруга Нада, се вработив како професор во гимназијата Ј.Б.Тито. Судбински моменти за мене беа и случувањата за време на земјотресот, кога можевме да загинеме со целото семејство, а потоа активно се вклучив во спасувањето и пружење помош на оние што настрадаа во катастрофата. Скопје го сакам заради слободата со која живеат скопјани и нивниот дух, заради неговото шаренило од народи, вери и јазици, иако не ми се допаѓа што во последно време Скопје се шири во недоглед. Со мојот професионален ангажман имав можност да шетам низ целиот свет, но каде и да одев не можев да го заборавам Скопје и го чувствувам како мој роден град".
Няма коментари:
Публикуване на коментар